Манифест за отворен пристап

Информацијата е моќ. Но како и кај секоја моќ, има такви кои сакаат да ја задржат за себе. Целото научно и културно наследство на светот, објавено низ вековите во форма на книги и научни списанија, сè повеќе се дигитализира и затвора од страна на неколку приватни корпорации. Сакате да ги прочитате научните трудови во кои се објавени најпознатите резултати од научните истражувања? Ќе треба да платите огромни суми на издавачите како Reed Elsevier.

Постојат и луѓе кои се борат да го сменат ова. Движењето за отворен пристап (Open Access Movement) се бореше храбро за да обезбеди дека научниците нема да се откажат од своите авторски права, туку дека нивните дела ќе ги објавуваат на интернет, под услови што овозможуваат секој да има пристап до нив. Но, дури и во најдобрите сценарија, работата на ова движење ќе има влијание само врз делата објавени во иднина. Сè што било објавено досега, би било изгубено.

Тоа е превисока цена. Да се принудуваат академиците да плаќаат за да ги читаат трудовите на нивните колеги? Да се скенираат цели библиотеки, но да се дозволува да ги читаат само вработените во Гугл? Да се обезбедуваат научни написи за оние на елитните универзитети од земјите од Првиот свет, но не и за децата од Глобалниот југ? Тоа е скандалозно и неприфатливо.

Многумина би рекле „се согласувам, но што можеме да направиме? Компаниите се сопственици на авторските права, заработуваат многу пари наплаќајќи за пристапот, а сето тоа е легално – не можеме да направиме ништо за да ги спречиме“. Но, сепак можеме да направиме нешто, нешто што веќе се прави: можеме да го возвратиме ударот.

Вие коишто имате пристап до овие ресурси – студенти, библиотекари, научници – вие сте привилегирани. Имате пристап до оваа гозба од знаења, додека остатокот од светот е лишен од тоа право. Но, не морате – и навистина, во морална смисла, не би смееле – оваа привилегија да ја задржите за себе. Ваша должност е да го споделите ова знаење со светот. На располагање ви се: размена на лозинки со колегите и поднесување барања за преземање ресурси за вашите пријатели.

Во меѓувреме, оние останатите кои ги немаат овие привилегии, сепак не се пасивни. Тие се „протнуваат низ дупки“ и „прескокнуваат огради“, ослободувајќи информации кои издавачите ги затвораат и споделувајќи ги со своите пријатели.

Но, сите овие активности се одвиваат тајно, далеку од очите на јавноста. Тоа се нарекува крадење или пиратство, како споделувањето на знаење да е морален еквивалент на ограбувањето брод и убивањето на неговиот екипаж. Но, споделувањето не е неморално – тоа е морален императив. Само оние заслепени од алчност не би му дозволиле на својот пријател да направи копија.

Големите корпорации, се разбира, се заслепени од алчноста. Законите според кои тие работат едноставно го налагаат тоа – а нивните акционери не би одобриле ништо друго. Политичарите коишто ги поткупиле ги поддржуваат изгласувајќи закони кои им даваат ексклузивна моќ да одлучуваат кој смее да прави копии.

Нема правда во придржувањето до неправедни закони. Време е да излеземе јавно и користејќи го традиционалниот начин на искажување граѓанска непослушност, да се спротивставиме на оваа приватна кражба на јавната култура.

Треба да земаме информации, без разлика каде се складирани, да правиме свои копии и да ги споделуваме со светот. Треба да земаме материјали кои не се заштитени со авторски права и да ги додаваме во архивата. Треба да купуваме тајни бази на податоци и да ги објавуваме на интернет. Треба да преземаме научни списанија и да ги објавуваме на мрежи за споделување датотеки. Треба да се бориме за Герила слободен пристап (Guerilla Open Access).

Ако нè има доволно низ светот, не само што ќе испратиме силна порака против приватизацијата на знаењето – туку и ќе направиме таа да стане дел од минатото.

Дали ќе ни се придружите?

Арон Шварц

јули 2008, Еремо, Италија

Translated by Metamorphosis Foundation from Skopje.


Leave a comment